Сточарство

Сточарите од кумановско не дозволуваат уништување на свињите

05.12.2022 17:20

Сточари од кумановско повторно на протест. Овој пат, жителите на Тромеѓа не дозволуваат да се уништат нивните свињи. Тврдат дека во селото не е евидентирано присуство на африканска чума. Најавуваат блокада и на магистралниот пат Куманово - Свети Николе...

Сточарите од кумановско Тромеѓа не дозволуваат да се уништат свињите. Со едночасовна блокада, изразија незадоволство од најавите за уништување на животните. Тврдат дека во селото не е евидентирано присуство на африканската чума. Во ова село има 40-ина поголеми одгледувалишта. Дополнително секое домаќинство одгледува за сопствени потреби.

„Ништо нема најдено, велат дека една свиња нашле, но таа е донесена во селото, тоа е од друга страна. Точно никој не кажува дали поради тоа е уништена, или има некоја друга болест“, нагласи Владан Станојковски, заменик-претседател на м.з Тромеѓа, кумановско.

„Има околу 40 одгледувачи, а секое домаќинство има по 2 до 5 свињи, како да ги уништиме, од што ќе живее овој народ“, истакна Стојанче Стошиќ, жител на село Тромеѓа.

Сточарите од кумановско бараат надлежните да дојдат на средба и да им објаснат зошто сакаат да ги уништат здравите свињи. Велат уништувањето ќе биде голем удар врз селото, кое живее од сточарството. Стравуваат и доколку дојде до откуп, дека цената ќе биде нереална.

„Продадов јачмен 17 денари, 18 денари пченица. Сега слушам дека големите газди ја намалија откупната цена на 14 денари“, вели Бранислав Каранфиловиќ, жител на село Тромеѓа, кумановско.

Во кумановско претходните месеци протестираа и жителите на Љубодраг и Речица.

Жителите на Тромеѓа најавуваат порадикални мерки и блокада на магистралниот пат Куманово-Свети Николе, доколку не се слушнат нивните барања.

Во североистокот на почетокот на октомври за прв пат беше регистрирана појава на оваа свинска болест. Од Агенцијата за храна и ветеринарство побаравме, но почетокот на дневникот, не добивме одговори.

Елена Георгиевска