Македонија

Стопирани пратките со јаболка за Русија

06.12.2022 08:21

Русија воведе привремени ограничувања за испорака на сите растителни производи од Македонија поради откривањето на карантински инсект во пратките со јаболка. Од Министерството за земјоделство велат дека се информирани за случајот и ќе се изготви план со превентивни мерки кои ќе се применуваат во наредниот период за извозот да продолжи вообичаено и без пречки...

Трговците извозници на јаболка од Преспа, се загрижени од реакцијата на Русија за привремените ограничувања за испорака на сите растителни производи од Македонија од 1-ви декември, поради откривањето на кафеава мермерна бубачка во пратките со јаболка.

Од Министерството за земјоделство, велат дека се информирани преку нашата амбасада во Москва, дека е добиено известување од властите на Руската Федерација за присуство на карантински штетник во две пратки со јаболка.

Штетникот е широко распространет во одредени земји во Европа, во регионот, а го има и кај нас. Тој не e на нашата листа на карантински штетници, но Руска Федерација има други фитосанитарни закони кои не се исти со нашите и со европските.

Според од министерството, надлежните служби, вршат детална анализа за преземање на мерки за надминување на настанатата ситуација. Во постапката ќе бидат вклучени експерти, сите засегнати производители и трговци и ќе се изготви план со мерки кои ќе се применуваат во наредниот период. За ова ќе се информира и руската страна за што побргу извозот на овошје и зеленчук во оваа земја да продолжи до назначените пазари и дестинации.

Методија Трајков