Нападнати инфраструктурни објекти во Украина
Засилени руски напади на инфраструктурни објекти во Украина. Во целата земја на сила вонредни исклучувања на струјата. Руските сили го ракетираа Запорожје. Аеродромот во Курск нападнат со дрон...

Огласени сирени и засилени рекетирања низ Украина по одлуката за ограничување на цената на руската нафта. Москва не попушта. Нападите врз електричната инфраструктура се интензивираат. Во земјата воведени вонредни исклучувања на струјата.
„Лансирани се 70 руски проектили, повеќето од нив беа соборени. Секоја соборена руска ракета е конкретен доказ дека теророт може да се победи. За жал, сè уште не можеме да обезбедиме целосна безбедност на нашето небо – имаше неколку удари и четири жртви од руските напади“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Ракетирањата немаат крај ниту на истокот. По ослободувањето на делови од Харковската област, жителите на Купјанск принудени да се евакуираат.
„Гранатирањето е постојано, без распоред, без конкретни цели, погодува онаму каде што погодува“, Константин Башкиров, раководител во Харков на Црвениот Крст на Украина.
„Ова е, страв. За најблиските, за безбедноста, постојано очекување од гранатирање и убиства“, рече Евгениј Љашенко, жител на Купјанск.
Руските сили, пак, ја обвинуваат Украина за уште еден дрон што го погоди воениот аеродром во регионот Курск.
„Како резултат на нападот се запали резервоар за складирање нафта, но нема жртви“, Роман Старовоит, гувернер на руската област Курск.
Претходно руската одбрана собори украински беспилотни летала кои нападнаа две воздушни воени бази во Саратово и Рјазанск.
„И покрај обидите на режимот во Киев да ги ограничи операциите на руските сили, украинските летала беа пресретнати и соборени од руските воздушни сили. Тројца руски службеници беа усмртени, а уште четворица повредени“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Киев не ги коментираше експлозиите во руските бази.
Бојана Крстевски
