Самит во Тирана

Стратегиско партнерство ЕУ- Западен Балкан

06.12.2022 11:54

Потврдување на клучното значење на стратегиското партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, главна порака на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Учествува и премиерот Ковачевски. Во фокусот и заедничкото справување со последиците од руската агресија врз Украина…

Одржувањето на првиот самит ЕУ-Западен Балкан, во земја што не е членка на Унијата, уште една силна потврда за заедничката европска иднина. Во Тирана договорено заедничко справување со последиците од руската инвазија во Украина, зацврстување на енергетската безбедност и снабдувањето со храна на Западниот Балкан, отпорност од странски влијанија и миграцијата.

Премиерот Ковачевски укажал дека веќе спроведуваме стратегија за зелена трансформација и производство на струја од обновливи извори, за да се постигне енергетска независност на државата.

Западниот Балкан по Украина, доби поповолни цени на роаминг услуги со земјите од Унијата од 2023-та.

„Партнерство, тоа е тоа што го нудиме и тоа е причината што овој Самит се одржува за прв пат на Западен Балкан“, рече еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

„Апсолутно сум убеден дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна и попросперитетна со земјите од Западниот Балкан внатре во ЕУ. Работиме напорно да направиме напредок. Потпишавме договор за роаминг што е значаен важен чекор во вистинска насока за бизнисите, за луѓето и туризмот. Второ е поддршката што сакаме да ја донесеме на Западниот Балкан за справување со енергетската криза, со што се покажува нашата посветеност за да ја зацврстиме соработката со регионот“, нагласи Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

„Силно сме посветени на регионот, да ги надминете последиците од војната. Цените на струјата се зголемија и затоа даваме значителна финансиска поддршка за домаќинствата. Исто така даваме помош за справување со кибернетичките напади поради војната во Украина“, нагласи Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

За време на самитот ЕУ-Западен Балкан на плоштадот „Скендер Бег“ демонстрации на албанската опозиција против политиките на премиерот Рама.

Ирина Гелевска