БРТ ќе го реши проблемот со превозот во Скопје, смета Владата
Ќе има ли нов систем на јавниот превоз во Скопје кој е од 1980 година? Според вицепремиерот Битиќи можно решение е „Бас рапид транзит“. Проектот вреден 70 милиони евра, го почна претходната градска администрација на чело со Шилегов. Поддржан е од Европска банка за обнова и развој од каде што беше добиен и кредит. Спроведувањето на проектот остана статус кво, а новата локална власт на чело со градоначалничката Арсовска смета дека БРТ е еколошки неисплатлив...

Владата останува на ставот дека БРТ системот, проект на претходниот градоначалник Шилегов за кој е добиен кредит од 70 милиони евра од Европската Банка за обнова и развој, ќе го реши проблемот со Јавниот градски превоз во главниот град. Состојбата во Скопје со ЈСП која е од 1980 година не наликува на град којшто е престолнина на земја која аспирира да биде членка на ЕУ вели вицепремиерот Битиќи. Според него потребни се решенија од 2040 и 2050-та година.
По преземањето на функцијата, градоначалничката Арсовска рече дека тоа е проект на нејзиниот претходник кој не планира да го спроведе, но официјално до институциите таа не испратила одговор што планира да прави со БРТ проектот. Државата плаќа пенали, парите стојат и не можат да бидат пренаменети за друг проект.
„Тоа не се пенали, секој пат кога банката ќе позајми пари, ги резервира средствата и не заработува од нив, тоа за неа е загубен приход. Ова е комисија којашто се плаќа, и мала е сумата споредено со големината на заемот, која се плаќа додека парите се резервирани. Парите се сè уште таму се до завршувањето на проектот“, рече Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР.
ЕБОР го повлече кредитот од 100 милиони евра за справување со енергетската криза. Власта ја обвини опозицијата дека поради нивната блокада во Собранието, се изгубени пари наменети за поддршка на работата на ЕСМ.
Викторија Милевска
