Арсовска молчи, превозниците со закани за радикализација
Скопје и натаму во сообраќаен хаос. Продолжува протестот на приватните превозници, со блокади на неколку важни сообраќајни точки во главниот град. Граѓаните нервозни поради метежот, автобусите на ЈСП преполни. Приватните превозници не отстапуваат. Се заканија и со радикализација. Градоначалничката Арсовска и натаму молчи...

Нервозни граѓани кои не можат да ги завршат обврските, метеж и свирежи од автомобили. Ова е сликата во главниот град. Во Скопје се вози под посебен сообраќаен режим. Многумина тргнаа пеш кон своите работни места за да стигнат навреме, а оние кои се возеа со автобус се жалат дека не знаат кој автобус од каде поминува.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со околу 200 автобуси се паркираа на крстосниците кај црвен крст, „Мавровка“ и на илинденска. Тие во неколку наврати бараа средба со градоначалничката Арсовска која не ги прими и поради тоа се одлучија на ваков протест.
Приватните превозници ноќта ја поминаа на улица со своите автобуси паркирани на неколку главни крстосници во главниот град. Велат дека нема да се откажат од своите барања и ќе продолжат со протест, со можност да се радикализира и да ги донесат своите семејства.
Од слобода превоз велат дека протестот е уредно најавен. Очекуваат сите институции да се вклучат во решавање на проблемот.
Блокадата на автобуските превозници во Скопје нанесува огромна штета на граѓаните вели министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Додаде дека не може да каже кои мерки ќе се преземат, но состојбата се следела.
Градоначалничката Арсовска го раскина договорот со двете приватни фирми. Таа најави дека во текот на оваа недела ќе има јавен повик на којшто ќе може да се пријават сите приватни превозници.
Ана Ј. Тодоровска
