Амандманската расправа по Предлог – буџетот за 2023 продолжува утре, одбиени четири амандмани
ВМРО-ДПМНЕ предложи амандман за обезбедување средства во висина од четиристотини милиони денари за помош на граѓаните преку поврат на целиот износ на ДДВ за прехранбените производи кои ќе ги купуваат секој викенд до крајот на кризната состојба. Според заменик министерот за финансии, Филип Николовски, ваквата мерка не е потребна, бидејќи направени биле анализи според кои се размислува од следната година да има два викенда без ДДВ за граѓаните за производите за прехрана...

Амандманската расправа по Предлог – буџетот за 2023 година на Собраниската комисија за финансирање и буџет продолжува утре, откако денеска беа разгледани и одбиени неколку амандмани предложени од пратениците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ предложи амандман за обезбедување средства во висина од четиристотини милиони денари за помош на граѓаните преку поврат на целиот износ на ДДВ за прехранбените производи кои ќе ги купуваат секој викенд до крајот на кризната состојба.
Според заменик министерот за финансии, Филип Николовски, ваквата мерка не е потребна, бидејќи како што и Владата претходно соопштила, направени биле анализи според кои се размислува од следната година да има два викенда без ДДВ за граѓаните за производите за прехрана.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски образложи дека мерката изземање на ДДВ за прехранбени производи, ќе значи директна помош за граѓаните да можат да го зголемат својот потрошувачки капацитет, меѓутоа да се помогнат и производствените капацитети и трговците за кои како што рече тој „имаат намален промет и намалена потрошувачка од следната година“.
Пратеничката од СДСМ Даниела Марковска, истакна дека амандманот е апсурден, со објаснување дека економски е невозможен и без ефект.
Со три гласови за и седум против овој амандман не беше усвоен.
Исто така, комисијата не го изгласа и предложениот амандман за обезбедување средства во висина од 70 милиони денари за формирање посебен развоен фонд за туризмот и угостителството, субвенционирање на угостителски капацитети кои би добиле статус зелени хотели, евидентирање и промоција на верски објекти, развој на спа и здравствен туризам, спортски адреналински ловен и риболовен туризам, изработка на студија за развој на алтернативни форми на туризам и уредување на плажи приспособени за лицата со посебни потреби.
Во рамки на оваа седница претходно беа одбиени уште два амандмани предложени од опозицијата, а се однесуваа на набавка на 50 противпожарни возила и зголемување на платите за 10 проценти во Министерството за внатрешни работи.
