Украина

Нови напади околу Запорожје

07.12.2022 09:45

Киев и Москва со меѓусебни обвинувања за гранатирањето во Запорожје. Украинската разузнавачка служба тврди дека руските резерви на ракети се при крај. Според Русија, противникот трпи големи штети и во персонал и во воена техника во Луганск и Доњецк...

Киев и Москва со меѓусебни обвинувања за гранатирањето во Запорожје. Украинската разузнавачка служба тврди дека руските резерви на ракети се при крај. Според Русија, противникот трпи големи штети и во персонал и во воена техника во Луганск и Доњецк. Москва и натаму не гледа простор за мировни преговори. Кризата тема на состаноците на Обединетите Нации.

„Украинскиот народ страда, Западот и режимот го користат како топовско месо. Западот не е заинтересиран за политичко решение на кризата, тоа беше потврдено на средбата на Советот на НАТО во Букурешт со проширување на доставата на оружје“, рече Василиј Небензја, постојан претставник на Русија во ООН.

„Украина продолжува да ја врши својата работа за да ја порази Русија на воен план, а меѓународната заедница мора да почне да размислува за план со Москва по Путин, планови кои треба да вклучат нов Будимпештански меморандум во контекст на денуклеаризација“, рече Сергеј Кислица, постојан претставник на Украина во ООН.

Во меѓувреме, Унгарија стави вето на нов пакет помош од 18 милијарди евра за Украина од ЕУ поради спорот со Брисел во однос на обвинувањата дека Будимпешта не ги почитува основните демократски начела.