Нови дојави за бомби во средни училишта, овојпат и НБРМ под закана
Закана за поставена експлозивна направа во Народна банка. Евакуирана заградата, антитерористичките екипи на терен, се преземаат мерки за расчистување на случајот. Нови дојави за бомби и во девет средни училишта во Скопје...

Покрај 9 средни училишта во градот Скопје кои утринава добија дојави за бомби, мета на закани денеска беше и Централниот регистар и Народната банка.
Откако на електронската адреса стигнала закана дека во објектот е поставена бомба, вработените со помош на обезбедувањето, за 15 минути биле евакуирани од работното место. Тие чекаа надвор додека полицијата вршеше антитерористички проверки, а надвор од објектот полициски службеници го обезбедуваа просторот. Вработените велат дека се создала паника оти ова е прв пат како стигнала дојава бомба во Народната банка.
Во исто време и на електронските адреси на 9 средни скопски училишта стигнала закана дека се поставени експлозивни направи. Од МВР соопштија дека полицијата веднаш презела мерки за безбедно евакуирање и се расчистува случајот. Речиси два месеци оваа состојба за средношколците стана секојдневие.
Од МВР соопштија дека се лажни дојавите за бомби. Министерот Спасовски потврди дека имало закани за бомби во училиштата и НБРМ, според како што рече истиот модус кој е дел од таканаречената хибридна војна што се води, не само кај нас.
Досега МВР поднесе кривична пријава за тероризам против малолетник од Скопје, кој призна дека заканувачката порака ја пратил од компјутерот на мајка му. Обвинителството ја почна предистражната постапка.
Викторија Милевска
