Продолжува хаосот низ скопските улици
Продолжува сообраќајниот хаос во Скопје. Главниот град и денеска блокиран од приватните превозници. Градоначалничката Арсовска распишува оглас, но само за линиите 22 и 20. Слобода превоз и Макекспрес немаат право да се јават на огласот – вели Арсовска...

Повеќе од 30 години поминати зад воланот во своите автобуси, а сега на улица го бараат долгот за да може да опстанат. Се жалат приватните превозници. Велат остануваат на улица сè додека не добијат некаква понуда за договор. За јавниот повик велат, или ќе се пријават сите заедно или нема да оди никој од нив.
Метеж и нервоза по скопските улици. Граѓаните кои се со возила тешко успеваат да се пробијат низ сообраќајниот хаос. Во Скопје се вози по посебен сообраќаен режим.
На јавниот повик индивидуално или преку претставник на група, може да конкурираат приватни превозници, но само за линиите 20 и 22-информираа од град Скопје. Велат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да аплицираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите.
Приватните превозници ги повикаа сите институции да се вклучат во решавање на проблемот.
Приватните превозници веќе трет ден блокираат клучни крстосници од главниот град. Крстосницата кај Мавровка, Црвениот Крст и булеварот Илинденска.
Ана Ј. Тодоровска
