Протест

Трет ден блокада на сточарите

07.12.2022 12:34

По блокади во селото, сточарите од кумановско денеска револтот од најавеното уништување на свињите, го изразија на регионалниот пат Куманово-Свети Николе. Со едночасовен протест порачаа дека нема да дозволат уништување на како што велат здравите свињи, кои се нивна главна егзистенција. Засега никој од надлежните не одговорил на поканата за средба...

Сточарите од кумановско Тромеѓа трет ден по ред продолжуваат со едночасовен протест, револтирани од најавеното уништување на свињите, поради африканската чума. Тие го блокираа регионалниот пат Куманово-Свети Николе. Според нив во селото во коешто се одгледуваат околу 1.000 свињи, не е регистрирано присуство на болеста. Немаат добиено ниту решенија за позитивни животни. Добиле сознанија дека треба да започне уништувањето.

„Сакаат да ни ги уништат и здравите свињи, а ние од тоа живееме, зошто да ги уништуваат. Не сме против ако има заболени, ако почне да се шири болест“, вели Драгољуб Димитриевски, село Тромеѓа.

„Во сите кумановски села ги уништија свињите, и овде ако ги уништат ние потоа од каде ќе набавиме, од каде да ги најдеме“, истакна Марио Зафировски, село Тромеѓа.

„Плаќаме по 50 евра за ѓубре, да произведеме жито, да ги храниме свињите, да продадеме свињи и да продадеме ѓубре. Сега од каде ако ги уништат и нас ќе нè уништат, младите се невработени, мали пензии, што ќе направиме“, нагласи Трајан Николовски, жител на село Тромеѓа.

Жителите бараат средба со претставниците на Министерството за земјоделство, шумарско и водостопанство како и Агенцијата за храна и ветеринарство. Посочуваат и дека во кланица којашто се наоѓа во нивна близина се носат трупови свињи.

„Со два автомобила со приколки се носат трупови свињи, ги нафрлаа пред вагата за мерење во кланицата. Нас не оставаат на улица“, вели Стојанчо Стојчевски, жител на село Тромеѓа.

Во кумановско првиот случај на африканска чума беше регистриран на почетокот на октомври. Уништување на свињите не дозволија ниту жителите на Љубодраг, Умин Дол, Ново Село и Речица.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство трет ден нема одговор за медиумите.

Елена Георгиевска