Германија

Обид за државен удар во Германија

07.12.2022 12:43

25 лица уапсени во голема полициска рација во Германија. Осомничени се за планирање на упад во зградата на Парламентот. Движењето „Граѓани на Рајхот“ не ја признава модерната германска држава и се обидува да го врати државниот модел од 1871 година. Властите ја следат за неуставни активности од 2016 година...

Спречен обид за државен удар во Германија. Ултрадесничари и поранешни воени лица планирале упад во Бундестагот, уривање на владата и преземање на власта. Меѓу уапсените симпатизери на екстремистичката група „Граѓани на Рајхот“ се откриени и резервисти, активен војник и судијка од партијата на екстремната десница „Алтернатива за Германија“. Како главен мозок на операцијата е идентификуван 71-годишниот таканаречен „Принц Хајнрих XIII“. Акцијата „Соко-сенкс“ ја спроведоа 3.000 припадници на безбедносните служби. Претрес извршија на 137 објекти во сопственост на 52 осомничени.

„Треба да сме загрижени и поради тоа што ова не се глупави луѓе, туку академски граѓани, со одредено искуство, пристап до оружје, информации, со пристап до луѓе. И целиот конгломерат го дава ова особено опасно и вредно за внимание“, рече Себастијан Фидлер, експерт за внатрешна политика, СПД.

Припадниците на „Граѓани на Рајхот“ не ја признаваат модерната германска држава и се обидуваат да го врати државниот модел од 1871 година. Одбиваат да плаќаат даноци и прогласуваат мали т.н. „национални територии“ на имоти кои ги нарекуваат „Втора Германска Империја“, „Слободна пруска држава“ и „Војводство Германија“. Меѓу другото, печатат свои пасоши и возачки дозволи на самопрогласените држави. Според процената на властите, организацијата брои неколку стотини членови. Повеќето се мажи над 50-годишна возраст и потекнуваат од социјално загрозени општествени сегменти. Полицијата подолг период ги следи за неуставни активности и насилни инциденти. Во последниот беше нападнат и смртно повредени полицаец за време на рација во Баварија.

Маја С. Филдишев