Во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје се одбележува патрониот и државен празник
Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените кои одбележуваат јубилејни годишнини во НУБ „Св. Климент Охридски“ и на вработените кои се пензионирале во текот на 2022 година.

Со пригодна свеченост денеска во НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје ќе биде прославен патрониот и државен празник Свети Климент Охридски и ќе се одбележи 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на библиотеката, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски.
На прославата со поздравен говор ќе се обрати директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“ Рахметула Куќи и воедно ќе додели благодарници за особен придонес и поддршка на библиотеката на Министерката за култура на Република Северна Македонија, амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија, на донаторите„НЛБ Банка“, Кроација осигурување и „КС сервис“ и Меѓународните училишта „Нова“ и на „Светот на Биби“.
На свеченоста проф. д-р Митко Панов ќе има беседа за Св. Климент Охридски, проф. д-р Минас Бакалчев ќе има реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а Бојана Муличкоска од име на семејството ќе зборува за проф. Петар Муличкоски.
Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените кои одбележуваат јубилејни годишнини во НУБ „Св. Климент Охридски“ и на вработените кои се пензионирале во текот на 2022 година.
На крајот на прославата ќе биде отворена изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, дело на архитектот Петар Муличковски и на изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски.
Во рамки на свеченоста, настап ќе имаат и неколку инструменталисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје а со химната во изведба на хорот при истиот ќе започне вечерашната свеченост.
