Македонско- бугарски бизнис форум во Скопје
Културните клубови треба да бидат мост на пријателство меѓу двете земји – согласни министрите Османи и Милков. За шефот на бугарската дипломатија работата на историската комисија е важна за подобрување на соседските релации. Двете министерства денеска организираа бизнис-форум во Скопје за унапредување на економската соработка...

Македонско-бугарскиот бизнис форум е наменет за подобрување на меѓусебните односи, оцени министерот за надворешни Османи. Неговиот бугарски колега Милков дополни-работата на историската комисија е важна за соседските релации. Го поздрави заедничкото чествување на „Св. Климент Охридски“.
„Успеавме да стигнеме до идејата за ова заедничко чествување, тоа е заслугата на нашата заедничка историска комисија, која дава една општа интерпретација на делата на Кирил и Методиј и на Свети Климент Охридски и во овој случај тоа е еден многу позитивен знак. Кога ние имаме заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди, за различни историски личности тоа ќе реши ред проблеми кои денес ги има во нашите современи односи“, изјави Николај Милков, МНР Бугарија.
„Тимови од двете министерства работат на календар и активности на меѓуресорските работни групи, почнувајќи веќе од следната недела. Дополнително ги очекуваме резултатите од нивните активности и во делот на економската соработка, трговијата, инфраструктурата, зелените политики, туризмот, културата, но и нови содржини со кои ќе се излезе во пресрет на реалните потреби на нашите граѓани“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Двајцата министри се согласни-говорот на омраза не може да исчезне, но е добро што Министерствата за надворешни брзо реагираат. Културните клубови треба да бидат мост на пријателство меѓу двете земји. Османи нема проблем да присуствува на отворање на бугарскиот клуб „Балкански коридори“ во Кавадарци, оти нема контроверзно име. Бугарското вето за почетокот на преговорите за Скопје, според Милков, не се споредува со најавеното утрешно вето на Австрија и на Холандија за бугарското приклучување во Шенген-зоната.
Ирина Гелевска
