Спасовски ги поддржува ставовите на Агелер, МВР стои на располагање
МВР стои на располагање во борбата против криминалот и корупцијата. И министерот Спасовски ги поддржува ставовите на американската амбасадорка Агелер. Смета дека час поскоро треба да се преземат конкретни мерки. Министерот Османи, пак вели дека преку стратешкиот дијалог со САД и отворањето на преговорите со ЕУ се преземаат активности за сузбивање на корупцијата и за владеење на правото…

Мора час поскоро секој од нас да направи максимум за да се стави крај на криминалот и корупцијата во државата, но и да се направи систем што ќе одговори брзо и ефикасно, вели министерот за внатрешни Спасовски. Додаде дека апсолутно поддржува сè она што го кажаа американската амбасадорка, но и други релевантни фактори.
„Ние како МВР апсолутно стоиме на располагање во секој поглед да ги поддржиме сите овие активности. Тоа практично е приоритет и на владата и тој приоритет мора до крај да биде реализиран и во секоја пора од македонското општество да се навлезе, да се реализира и секој еден што навистина се занимава со криминал од каков било тип да сноси сериозна одговорност“, нагласи министерот Спасовски.
Преку стратешкиот дијалог со САД и отворањето на преговорите со ЕУ, правиме сузбивање на корупцијата, но и засилено владеење на правото, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Реакциите на власта доаѓаат по критиките упатени од американската амбасадорка Анџела Агелер во однос на корупцијата во земјава и фактот што САД испраќа тим за санкции во Македонија.
Миле Ристески
