Брисел

Пендаровски: На македонските граѓани треба да им покажеме дека ЕУ е најдобрата алтернатива

07.12.2022 15:46

„Нема да се откажеме од патот кон Европската унија затоа што плативме висока политичка цена. Западен Балкан да биде во фокусот на Брисел постојано, а не само кога постои војна или мигрантска криза“, порача претседателот Пендаровски, од форум во Белгија. Според него, ако Унијата не го смени основниот модел на носење одлуки, нема да има голем напредок, а поддршката кај граѓаните ќе продолжи да паѓа...

Во последните 18 месеци поддршката за ЕУ интеграцијата во Македонија падна за 25 проценти и сега изнесува околу 60-тина насто. На македонските граѓани треба да им покажеме дека Европската Унија е најдобрата алтернатива за земјата за просперитет и вистинска трансформација. Ова е патот од кој нема да се откажеме, плативме висока политичка цена – порача претседателот Пендаровски од Брисел на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Според него доколку Унијата не го смени основниот модел на носење одлуки, нема да има голем напредок и подобрување на односите на Брисел и Западен Балкан.

„Не би сакал ЕУ да се врати на старото кога ќе заврши војната во Украина, се надевам утре или денеска. И да се занимава само со внатрешните битки, да зборува само за долгорочната финансиска перспектива на ЕУ, за тоа кој ќе добие што во ЕУ, и да го изгуби фокусот на Западен Балкан. Не би сакал Западен Балкан повторно да влегува во вистинскиот фокус на ЕУ, а не Брисел, само кога постои мигрантска криза или војна на континентот“, рече македонскиот претседател, Стево Пендаровски

Европската унија треба да остане атрактивна за земјите што сакаат да се приклучат, особено по Брегзит и војната во Украина, вели претседателот на црногорската влада Абазовиќ. Да бидеме оптимисти, сигналите се позитивни по последниот Самит во Тирана, посочи албанскиот премиер Рама.

„Носењето одлуки од ЕУ треба да е поефективно. Во спротивно, им даваат можност на трети страни да дојдат во регионот, да скокнат во регионот, да влијаат во регионот, зашто ќе бидат поконкретни. Во Црна Гора, не го знам процентот во другите земји, над 80% од народот сè уште силно ја поддржуваат европската перспектива на земјата и ние не сакаме да го загубиме тоа“, рече црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ,

„Немам репутација на оптимист за ЕУ, но мислам дека треба да бидеме оптимисти бидејќи постојат работи кои се навистина позитивни. Се разбира, ризикот дека ќе се свртат на другата страна и ќе почнат да спијат е голем. Навистина се надевам дека ЕУ, која се врати, се врати поради војната, нема да чека уште една војна за да почне да зборува за друго поглавје. Мислам дека сега треба да продолжи да го продлабочува процесот, и да им даде на нашите земји повеќе кислород за да можеме да трчаме побрзо“, рече албанскиот премиер Еди Рама.

Промени се потребни и во регионот и во Унијата, но Западен Балкан и ЕУ треба да бидат здружени и поради руското влијание кое е сè поприсутно во регионот, порачаа учесниците на сесијата.

Сунчица Николовска