Македонија

Нови 15 американски волонтери на Мировниот корпус денеска положија заклетва

07.12.2022 15:59

Петнаесет американски волонтери на Мировниот корпус положија заклетва и се приклучија на групата од повеќе од 800 американски граѓани кои служеле во земјава,од 1996 година до сега. волонтерите работеле во сите општини и соработувале со наставници, ученици и организации...

Почнувајќи од понеделник 15 млади американци од Мировниот корпус ќе волонтираат во општините и училиштата низ земјава. Нивна задача ќе биде да предаваат англиски јазик, да работат како дефектолози и да им помагаат на општините во решавање на комуналните проблеми.

„Пристигнав на 26-ти септември и овде ќе престојувам две и пол години. Сместен сум во Велес и ќе подучувам англиски јазик во основно училиште. Учениците веќе доволно го знаат јазикот, бидејќи гледале цртани филмови и клипчиња на Интернет. Покажуваат голем интерес и да научат нешто за Америка“, рече Огуст Адаи, волонтер во американскиот мировен корпус.

Волонтерите ја одбрале нашата земја поради вкусната храна, богатата историја и култура, и како што велат топлината на македонскиот народ.

„Луѓето се многу дружељубиви, земјата е прекрасна со брда и планини. Во слободното време планинарам и ја истражувам убавата природа што ја нуди Македонија“, вели Дара Рекорд, волонтер во американскиот Мировен корпус.

„Многу се возбудени. Имаме тројца волонтери кои повторно се враќаат во земјата. Двајца се вклучени во програмата за изучување на англискиот јазик. Северна Македонија е меѓу најпосакуваните дестинации што ги избираат волонтерите“, Дебора Конер директорка на Мировниот корпус во Северна Македонија.

Амбасадорката Агелер која, како што рече и самата своевремено била дел од Мировниот корпус, вели дека волонтерите ќе работат и со невладините организации, а ќе се вклучат и во летни кампови.

Мировниот корпус, го основал американскиот претседател Кенеди во 61 година, со цел волонтерите да промовираат мир и пријателство во светот. Македонија досега ја посетија повеќе од 800 волонтери.

Анита Димитријевска Велковска