Македонија

Во Охрид промовирана „Книга за светите браќа Климент и Наум“

07.12.2022 17:52

Во пресрет на празникот, промовирана „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“. Делото, велат авторите е синтеза на се она што е напишано за свети Климент Охридски во науката од почетокот на славистиката до денеска, и неговото значење за просветителската дејност на македонското тло и воопшто во словенскиот свет...

Во пресрет на големиот празник свети Климент охридски-патронот на Охрид, денеска беше промовирана „книга за светите браќа Климент и Наум“ од професор доктор Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Книгата претставува синтеза на она што е напишано за свети Климент Охридски во науката од почетокот на славистиката до денес и неговото значење за просветителската дејност на македонско тло и воопшто во словенскиот свет.

Јазикот на свети Климент Охридски во голема мера е вложен во словенската писменост, книжевната школа и во црковните книги. Јазик којшто е прифатен од македонските преродбеници и славистите од 19 век. Токму преку делото на Климент и Наум Охридски, светската славистика се запознава со Македонија, македонскиот јазик и македонската книжевна традиција. Ова беше речено на промоцијата на делото „Книга за Светите браќа Климент и Наум“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

„За македонскиот јазик и за Климент Охридски се искажале најзначајните имиња во славистиката уште на почетокот на 19 век. Тоа се научници што објавиле дебели книги коишто целосно навлегле во делото на Климент Охридски и го поврзале делото на Климент Охридски со Македонија. Сето она што е ефемерен карактер и што носи ефемерен карактер од политички причини на извесен начин не се одразува во науката“, изјави проф. д-р Димитар Пандев, коавтор на книгата.

„Во уметничката литература тие се јавуваат уште од времето на македонскиот романтизам-преродбата. Во нашата позната песна 1762 лето Григор Прличев се повикува на неговата моќ, на неговиот дух, мислам на Свети Климент и затоа своето стадо, цитирам, се нашло во црквата Свјатиклиментова“, изјави Славе Ѓорѓо Димоски, коавтор на книгата.

Според зборовите на промоторот Диме Ратајковски, зборникот доаѓа во вистински момент затоа што во него се собрани дела на еминентни историчари и тој содржи автентични извори во превод на современ македонски јазик.

„Станува збор за едно дело коешто и е потребно на македонската историографија и не само на македонската историографија, туку и на македонската лингвистика. Особено сега во овој период кога и македонистиката преживува навистина едни траорни случувања по однос на признавањето, непризнавањето на нашиот јазик“, рече Диме Ратајковски-промотор на книгата.

Тридневните чествувања по повод големиот празник продолжуваат со свечена академија на која ќе биде доделена наградата Свети Климент Охридски-патронот на Охрид и поклонение пред моштите на светецот.

Сашо Нелоски