Македонија

Состојбата со преспанското јаболко е катастрофална, Русија е единствениот голем пазар

08.12.2022 10:34

Преспанските јаболкопроизводители загрижени, откако Русија на 01 декември воведе забрана за увоз на земјоделски производи поради опасниот штетник кафеава бубачка откриен во јаболката увезени од Македонија. Градоначалникот на Ресен вели состојбата е катастрофална, Русија е единствениот голем пазар за пласман на јаболкото, државата треба да бара решение...

Состојбата со преспанското јаболко е катастрофална. Ова е ставот на првиот човек на општина Ресен, откако Русија на 01 декември воведе забрана за увоз на земјоделски производи поради опасниот штетник кафеава бубачка откриен во јаболката увезени од Македонија.

Градоначалникот на Ресен загрижен, вели забраната за извоз во Русија е голем удар за јаболкарите, бидејќи тоа е единствениот пазар за пласман на јаболката.

„Ситуацијата е премногу лоша ова последно што ни се случи со извозот во Русија, тоа е единствениот пазар што го имавме. Ние не извезуваме на европскиот пазар поради билатерални проблеми, немаме извоз ниту на Блискиот Исток ни Египед, Иран, Ирак единствено ни остануваат мали пазари како Балканските земји“, вели Јован Тозиевски градоначалник на Ресен.

Јаболкопроизводителите се гневни, ги чувствуваат последиците од изминатите две лоши години, значително се намалува обработувањето на јаболковите насади. Државата треба да бара решение.

 „60% од целокупното производство на овошје во Македонија потпаѓа под јаболко. Девизниот прилив во државата е многу сериозен така би требало да биде и интересот на државата навистина сериозен за третманот на јаболкото“, вели Тозиевски.

„За луѓето тука состојбата е тешка, затоа што пазарот за јаболка е затворен кон Русија, но исто така и кон Украина бидејќи таму е војна. Тука сум да ги слушнам луѓето и земјоделците за да видиме како колективно да ги решиме овие проблеми“, изјави асмбасадорот на ЕУ Дејвид Гир.

Македонија во 2020 година имаше извоз на јаболка во светот од 29 милиони долари, од кои дури 20 милиони за Русија. Но, лани се бележи пад на увезеното македонско јаболко во Русија за речиси 30 проценти.

Соња Рилковска