Охрид го чествува својот патрон Свети Климент Охридски
Денеска сите патишта во Охрид водат кон возобновениот Светиклиментов храм на Плаошник. Голем број верници од градот и од целата држава се упатуваат кон светиот рид за да се поклонат пред моштите на Свети Климент Охридски. Во градот веќе трет ден се одржуваат бројни свечености по повод празникот, а на свечената академија највисоката општинска награда „Свети Климент Охридски“ му беше врачена на архимандритот Нектариј, игумен во манастирот Свети Наум Охридски...

Точно 1.106 години не делат од земската неприсутност на Свети Климент меѓу нас Македонците, но и исто толку години не поврзува нераскинлива духовна, културна и морална сплотеност со неговото дело. Ретко кој народ,како македонскиот може да каже дека има таква нераскинлива духовна вертикала во својата опстојба и битисување. Ова на свечената академија по повод големиот празник на која беше врачено највисокото општинско признание Свети Климент Охридски го рече градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, посочуваќи дека Свети Климент е нашиот првоучител чија дејност и мисла е длабоко во темелите на нашето постоење и битисување.
„Македонија и Македонците низ вековите поминале многу ветрометини, падови и негирања, но секогаш изнаоѓале сила да продолжат по патот Светиклиментов, кој е поплочен со љубовта кон бога, човекољубие и милосрдие. Тоа не прави кротки и одлучни, нежни и цврсти, трпеливи и непоколебливи“, речи Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Архимандритот Нектариј, игумен на манастирот Свети Наум Охридски примајќи ја највисоката општинска награда „Свети Климент Охридски за долгогодишни врвни достигнувања рече дека наградата само ја дополнила радоста што ни се случи со признавањето на автокефалниот статус на МПЦ.
„Ние сме сега свои на своето, она што не бевме не само со години и децении, туку столетија наназад. Поминаа многумина императори и администратори, пастири и душегрижници кои малку донесоа,а многу однесоа и си заминаа оставајќи го стадото од уста на волкот во уста на лавот. Ние останавме, бидејќи ова е наше и после секое нивно бегање моравме да го чистиме и уредуваме растуреното и пустошот“, рече архимандрит Нектариј, игумен на манастирот Свети Наум Охридски.
На свечената академија беа доделени четири повелби Свети Климент Охридски, кои им припаднаа на поединци и организации кои се занимаваат со хуманитарни активности.
„До сите коишто сакаат да помагаат нека бидат овие награди поттик за понатаму да го продолжат тоа, да не застанат“, вели Летка Филипова, хуманитарен работник.
„Секој којшто може да помогне, да подобри секојдневно живеење на некого, да подаде рака каде што има потреба затоа што навистина како времето поминува потребата од помош е сè поголема“, рече Димче Каневче, хуманитарен работник.
Чествувањата продолжија денеска со поклонување на општинската и други делегации пред моштите на Свети Климент и полагање на цвеќе на спомениците на светецот во градот, при што беа врачени награди за најдобрите поетски творби на ученичкиот литературен конкурс по повод патрониот празник на Охрид.
Сашо Нелоски
