Приватните превозници во сабота ќе одлучуваат како ќе продолжат со протестите
Автобусите на приватните превозници блокираат неколку клучни крстосници во Скопје. Четврти ден траат блокадите на автобуските превозници кои се во конфликт со градот Скопје поради неисплатени долгови. Приватните превозници велат дека се револтирани. Во сабота ќе одлучуваат како ќе продолжат со протестите...

Зголемен револт кај приватните превозници кон управата на Град Скопје. Најавија дека во сабота координативното тело ќе има состанок и ќе одлучат за понатамошните мерки што ќе ги преземат. Повторно се извинија на граѓаните поради блокадите.
И од „Макекспрес“ во соопштение порачаа дека не се организатори на блокадите. Побараа партиите да не го политизираат протестот.
На улиците со своите возила се приватните превозници кои бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатиот долг. Раководството на „Макекспрес превоз“ не знае до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират и други улици и во кој формат ќе се протестира од причина што не е организатор на истите, стои во соопштението од „Макекспрес превоз“.
Град Скопје и натаму стои на позицијата дека не треба да преговараат со превозниците и оти тие долговите треба да си ги побараат на суд.
Приватните превозници веќе четврти ден блокираат клучни крстосници од главниот град. Крстосницата кај Мавровка, крстосницата кај црвениот крст и булеварот Илинденска. Од Град Скопје вчера ја повикаа МВР да интервенира и да ги тргне блокадите.
Ана Ј. Тодоровска
