Руско-Украински конфликт

Путин: Ризикот од употреба на нуклеарно оружје расте, но Русија нема да го употреби прва

08.12.2022 14:19

Фронтот во Украина не се менува. Русија се закани дека ќе ги ослободи окупираните територии од Федерацијата. Опасноста од нуклеарна војна е голема, но арсеналот на овој тип оружје ќе се употребува само во случај на неопходна одбрана – изјави шефот на Кремљ Путин. Европската комисија предложи воведување на нов пакет санкции, деветти по ред, за Москва. Обединетите нации документирале случаи на погубување и напади врз цивили во над 100 села...

„Ризикот од нуклеарна војна е зголемен, но Русија не е луда да употреби прва нуклеарно оружје“, изјави шефот на Кремљ Путин. Во својот говор на годишниот состанок на рускиот Совет за човекови права, додаде дека такво сценарио би било можно само доколку биде нападната.

„Војната во Украина ќе биде долг процес. Досега постигнатите резултати се значајни. Со анексите, Азовското Море го направивме внатрешно море на Русија, што беше една од аспирациите на Петар Велики“, рече рускиот претседател Владимир Путин.

Според украинските власти, руските сили во текот на ноќта го гранатирале Николаев. Рестрикциите на струјата остануваат во Киев. Во Севастопол урнат украински дрон над Црно Море.

„Постојано го зголемуваме производството и снабдувањето со електрична енергија, количеството се зголемува. Не треба да заборавиме дека е невозможно да се врати 100% од енергетскиот систем како пред руската агресија. Потребно е време, поради тоа, повеќето градови ја задржаа шемата на исклучување“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фронтот останува ист. Истокот и југот и натаму приоритетни за Кремљ во оваа фаза од операцијата. Во септември делови од Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје беа анектирани кон Русија, но нивната легитимност не е признаена од речиси ниедна земја. Ниту еден од четирите региони сè уште не е целосно под контрола на руските сили.

„Ќе имаме многу работа за ослободувањето на териториите. Знаете дека постојат окупирани територии во неколку нови региони на Руската федерација кои мора да ги ослободиме“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во меѓувреме, Европската комисија предложи воведување на нов пакет санкции, деветти по ред, за Москва. Обединетите Нации документирале случаи на погубување и напади врз цивили во над 100 села и градови во три региона на почетокот на војната. Се истражуваат можни воени злосторства за кои со месеци известуваат новинарите и активистите.

„Сликата е ужасна. Луѓе во продавници биле убивани од снајперисти бидејќи се плашеле дека можат да им направат нешто. Јасно е дека имаше сериозен проблем со намерни убиства. За да бидат Русите сигурни дека ќе има правда за жртвите, тие мора да соработуваат. А таква соработка досега не видовме“, изјави Вокер Турк, комесар на ОН.

Украинските власти тврдат дека само во Мариупол биле убиени десетици илјади цивили.

Маја С. Филдишев