Ковачевски: ЕУ да не дозволи блокади
ЕУ да биде јасна и гласна кон сите кои ги загрозуваат европските вредности како и за сите кои го попречуваат или блокираат европскиот пат – повика премиерот и претседател на СДСМ Ковачевски од Самитот на лидери од Западен Балкан во Виена. Според него солидарноста и правдата се најсоодветни одговори за кризата. Во изминатите 10 месеци успеавме да ги надминеме предизвиците и да го зачуваме капацитетот на македонската економија...

ЕУ да не дозволи нови блокади, очекувам интеграција да се базирана на исполнети критериуми – порача премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски од Самитот во Виена, организиран од групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент. Повика ЕУ да биде јасна и гласна кон сите кои ги загрозуваат европските вредности како и за оние кои го попречуваат или блокираат европскиот пат.
„Блокадите на Собранието и на демократските процеси за напредок кон ЕУ се блокада на европските вредности. Европските народни партии во овие околности не можат да бидат обични неми набљудувачи. Затоа што загрозувањето на европскиот начин ги загрозува европските вредности. Да направиме заеднички напори да не дозволиме трети страни да имаат корист, да ги загрозат европските вредности и да го загрозат европскиот кредибилитет. ЕУ мора да биде јасна и гласна пред сите страни кои го попречуваат или блокираат европскиот пат на земјата“, порача Ковачевски.
Солидарност и правда се најсоодветни одговори за кризата, смета Ковачевски. Посочи дека во изминатите 10 месеци успеале да ги надминат предизвиците и да го зачуваат капацитетот на македонската економија. Ветува дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.
„Моето ветување и мојата мисија беше и сè уште е никој да не биде оставен зад себе. И ние не оставивме никого зад себе. И јас сè уште силно верувам дека тоа е вистинскиот пат и суштината на социјалдемократијата. Тоа е најсоодветниот одговор на глобалната кризата, заснован на вредностите на солидарност и правда“, додаде Ковачевски.
Владата се фокусираше на финансиски најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, студентите и другите ранливи категории на граѓани, рече Ковачевски, додавајќи дека се реализирани два пакети антикризни мерки вредни 760 милиони евра, најголеми во регионот.
Наташа Г. Петрушевска
