Повеќе субвенции за стратешките култури
Нов начин на распределба на субвенциите од следната година. Земјоделците ќе добиваат авансна исплата во тековната година, а дополнителна поддршка ќе има за оние кои ќе произведуваат стратешки култури. Услов ќе биде употреба на сертифицирано семе и производството да се предаде кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги...

Земјоделците ќе добиваат авансна исплата на субвенциите тогаш кога им се најпотребни, велат од надлежното министерство. Дополнителна поддршка ќе добиваат земјоделците кои ќе произведуваат стратешки култури, со користење на сертифицирано семе и кои ќе го предадат производот кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и во сточарството.
Наместо досегашните повеќе од 80-сет, за државата сега се битни 24 култури кои ќе добијат и поголема финансиска поддршка. Станува збор за пченицата, сончогледот, маслодајната репка, афионот, а од зеленчукот пиперка, зелка, домат, грав, компир. Од приоритетната листа ќе отпаднат култури како што се ароматичните и зачински растенија, тиква, диња, рукола и цвеќе.
Вкупната финансиска поддршка за земјоделството нема да се намали и за следната година ќе изнесува повеќе од 7 милијарди денари.
Ваквиот систем од оваа година се применува во овоштарството и кај производството на сончоглед, а веќе од наредната ќе бидат опфатени сите земјоделски гранки. Целта е да се обезбеди поголем принос кај стратешките култури, а родот да се насочи кон домашните преработувачки капацитети, поттикнувајќи го договорното производство.
Методија Трајков
