Петковиќ: Курти сака окупација на Космет
По синоќешното влегување на косовските специјалци, во северниот дел на Косовска Митровица е мирно, но тензично. Полицијата информира дека целта е да се одржи јавниот ред. Курти сака окупација на северот на Космет, изјави директорот на канцеларијата за Косово и Метохија…

По влегувањето на косовските специјалци, во северниот дел на косовска Митровица е мирно. Нема инциденти, но е тензично. Полицијата најави дека во наредните денови ќе го зголеми присуството на северот на Косово со цел одржување на јавниот ред. Дел од медиумите информираа дека околу 300 косовски специјалци, со бројни оклопни возила, синоќа влегле во северна Митровица од правец на јужна косовска Митровица. Биле распоредени околу градот и го блокирале северниот дел.
Косовската влада ги демантираше информациите дека специјални полициски единици биле испратени на северот на Косово, наведувајќи дека се работи за обична, а не за специјална полиција.
Целта на Курти е окупација на северот на Космет, изјави Петар Петковиќ, директор на канцеларијата за Косово и Метохија. Според него Курти сака да предизвика насилство и да го протера српскиот народ од Косово.
„Сега, имајќи предвид дека Курти сака да предизвика насилство и да ги протера Србите од Косово и Метохија, Белград ќе го разгледа враќањето на илјада припадници на нашите безбедносни сили, според резолуцијата 12-44, посебно член 4, но и член 6, од анексот 2. Нема да дозволиме нова „Олуја“ и прогонување на нашиот народ од Косово и Метохија“, изјави Петар Петковиќ, директор на канцеларијата за Косово и Метохија.
Петковиќ и порача на меѓународната заедница дека не треба да биде изненадена од одлуките на Белград, кој е решен да ја зачува српската заедница во јужната провинција.
Завчера во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово биле фрлени две експлозивни направи. Во инцидентот нема повредени лица. Експлозиите се случуваат еден ден откако косовската полиција објави дека маскирани групи и поединци употребиле рачни гранати од југословенско производство во нападот на канцелариите на општинските изборни комисии во северна Митровица и Зубин поток.
Во меѓувреме, Вучиќ и Курти се поканети во Брисел, на нова рунда разговори, но терминот не е утврден. Косовскиот премиер Курти најави до крајот на месецов поднесување кандидатура за членство во ЕУ.
Марина Ристова
