Македонија

Изложба на фотографии на Оливер Белопета „Поради џезот“

09.12.2022 11:03

На изложбата ќе бидат претставени 30 фотографии селектирани од богатата ризница на фотографии на Оливер Белопета направени на музички фестивали секаде низ светот во периодот од 2009 до 2016 година. Куратор на изложбата е Жига Коритник и се реализира во соработка со МКЦ и Скопски џез фестивал...

Во Галеријата на МКЦ-Скопје во сабота 10-ти декември ќе биде отворена изложба на фотографии на Оливер Белопета со наслов „Поради џезот. На изложбата ќе бидат претставени 30 фотографии селектирани од богатата ризница на фотографии на Оливер Белопета направени на музички фестивали секаде низ светот во периодот од 2009 до 2016 година. Куратор на изложбата е Жига Коритник и се реализира во соработка со МКЦ и Скопски џез фестивал. Инаку оваа изложба е за прв пат поставена во Царкајев дом во Љубљана во 2017-та година од истиот куратор кој за оваа прилика ја надополни и ќе трае до 23-ти декември.

По повод изложбата, за авторот на фотографиите Оливер Белопета, кураторот Коритник вели: „Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн (во мноштвото други интереси), јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почувствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер“.

По отворањето на изложбата со почеток во 21 часот во Кино Фросина во МКЦ, ќе биде прикажан музичкиот документарец „Summer of Soul (… Or, When the Revolution Could Not Be Televised)“, чијашто домашна премиера се случи во октомври, во рамките на 41. Скопски џез фестивал.

Овој документарец е филмско деби на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кој е воедно и музички филм и историски видео документ – посветен на еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода. Во текот на шест недели во летото 1969 година, на само сто милји јужно од Вудсток, беше одржан и снимен The Harlem Cultural Festival во паркот „Маунт Морис“ (сега парк „Маркус Гарви“). Снимката беше одамна заборавена – сè до сега. „Summer of Soul“ ја истакнува улогата и важноста на историјата за нашата духовна благосостојба и претставува цврст доказ за исцелителната моќ на музиката во време на немири, како во минатото, така и денес.

Во филмот се документирани се концертни изведби на Стиви Вондер, Нина Симон, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Махалија Џексон, Би Би Кинг, The 5th Dimension и многу други. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм.