Протест на превозници

Блокадата на приватните превозници продолжува само на „Илинденска“

09.12.2022 12:29

Приватните превозници денеска на протест само пред Град Скопје. Автобусите ги паркираа на булеварот „Илинденска“. Градските власти ќе го објават јавниот повик само за две линии со број 20 и 22...

Сообраќајот на крстосницата кај Мавровка и кај Црвениот крст, функционира нормално. Приватните превозници своите автобуси ги дислоцираа на булеварот „Илинденска“, каде што ќе бидат блокирани сите четири ленти.

Приватните превозници велат дека остануваат пред град Скопје сè додека не се решат нивните барања. Се извинија на граѓаните за сообраќајниот хаос, но бараат разбирање. Сепак, граѓаните се незадоволни поради тоа што се доцнеше на работа, во болница, на училиште. Приватните превозници инсистираат и на средба со премиерот во рамките на ингеренциите на Владата, како граѓани на земјава на кои како што велат им е направена неправда. Од средбата со Ковачевски очекуваат позитивен исход.

Град Скопје денеска го објави огласот за избор на приватни превозници за линиите 20 и 22. Како што стои во огласот, за линијата 20 потребни се десет автобуси и 23 возачи, а за линијата 22, десет автобуси и 21 возач. На огласот може да конкурираат правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите. Не може да конкурираат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ затоа што градот им ги раскина договорите. Превозниците можат да конкурираат до 9-ти јануари, а отворањето на понудите и нивното оценување ќе биде на 16-ти јануари.

Ана Ј. Тодоровска