Руските сили инсталираа ракетни фрлачи во „Запорожје“
Немилосрдни битки се водат во Бахмут. Десетици убиени во Доњецк. Руските сили распоредуваат ракетни фрлачи во окупираната нуклеарка Запорожје. Експертите стравуваат дека атомската централа може да стане база за напади врз украинска територија...

Немилосрдни битки се водат во Бахмут. Десетици убиени во Доњецк. Од нагазна мина во Херсон, загинаа четворица полицајци. Зеленски изјави дека Русија користи стапици на смртта како друг облик на терор за којшто ќе одговара.
„Закопани нагазни мини, мини од жици, минирани згради, автомобили и инфраструктура. Терористите намерно се обидуваат да остават зад себе што повеќе стапици на смртта. Мините поставени од русите на огромни делови од територијата сè уште посурови од проектилите, од кои Украина барем има противвоздушна одбрана“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Руските сили распоредуваат ракетни фрлачи во окупираната нуклеарка Запорожје. Експертите стравуваат дека атомската централа може да стане база за напади врз украинска територија. Расте и загриженоста од можна радијација. Москва не отстапува. Останува на ставот дека ќе ги штити своите национални интереси. Путин ја обвини западната елита за ситуацијата во светот. Вели оти западот се обидува да ја задржи својата доминација на светската сцена, а украинскиот народ станал жртва на овие аспирации.
„Ги гледаме тешките последици од ваквите дејствија денес во Украина. Со години наназад западот бесрамно ги црпеше и експлоатираше ресурсите, поттикнуваше геноцид во Донбас, всушност ја направи оваа земја колонија, а сега цинично го користи украинскиот народ како топовско месо, како ’овен‘ против Русија продолжувајќи да ја снабдува Украина со оружје и муниција, испраќајќи платеници, туркајќи ја на самоубиствениот пат“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
По ЕУ, и САД најави воведување нови санкции против Русија како казна за употребата на иранските дронови во Украина.
Бојана Крстевски
