Косовска Митровица

Во северниот дел мирно, но тензично

09.12.2022 15:27

Во северниот дел на Косовска Митровица е мирно, но тензично. Влегувањето на полицијата е за да се одржи јавниот ред, велат косовските власти. Белград размислува за враќање на војската на северот од Косово. Курти тврди-полицијата не е насочена против Србите...

По влегувањето на косовските специјалци, во северниот дел на косовска Митровица е мирно. Нема инциденти, но е тензично. Полицијата најави дека во наредните денови ќе го зголеми присуството на северот на Косово со цел одржување на јавниот ред. Дел од медиумите информираа дека околу 300 косовски специјалци, со бројни оклопни возила, синоќа влегле во северна Митровица од правец на јужна косовска Митровица. Биле распоредени околу градот и го блокирале северниот дел.

Косовската Влада ги демантираше информациите.

Целта на Курти е окупација на северот на Косово, сметаат претставници на српската заедница. Српската премиерка Брнабиќ оцени дека Приштина свесно провоцира и дека сериозно се размислува за враќање на вооружените сили на северот од Косово.

Од Српска листа потенцираат дека ситуацијата е привидно мирна.

„Се обидуваме преку дијалог да им дадеме простор на преговарачите да ги решат отворените прашања меѓу Белград и Приштина, односно меѓу Србите и Албанците, а на тоа особено инсистира раководството на српската листа“, изјави Игор Симиќ, претседател на Српска листа.

Косовскиот премиер, Курти рече дека безбедносните власти не прогонуваат никого на етничка или на верска основа, туку исклучиво врз основа на индивидуално или групно однесување и постапки.

„Косовската полиција никогаш не е насочена, охрабрувана или ориентирана против Србите. Напротив, има дополнително внимание за Србите во Косово, токму поради различните погрешни толкувања што може да ги направи нашиот северен сосед“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Во меѓувреме, Вучиќ и Курти се поканети во Брисел, на нова рунда разговори, но терминот не е утврден. Косовскиот премиер Курти најави до крајот на месецов поднесување кандидатура за членство во ЕУ.

Марина Ристова