ДИК: Иванов доби нов 5 годишен мандат, ВМРО-ДПМНЕ ќе формира Влада
Станува збор за обработени резултати од 99,97% од избирачките места, не се обработени само податоците од дипломатско- конзуларното претставништво во Њујорк, но истите не би влијаеле на конечниот резултат...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов добива нов пет годишен мандат, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира новата Влада. На денешната прес- конференција на Државната изборна комисија (ДИК) беа соопштени конечните резултати од вчерашните предвремени парламентарни избори и вториот круг на претседателски избори.
Како што истакна претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, станува збор за обработени резултати од 99,97% од избирачките места, не се обработени само податоците од дипломатско- конзуларното претставништво во Њујорк, но истите не би влијаеле на конечниот резултат.
Според ДИК, кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Макеоднија“, Ѓорге Иванов, освои 534.699 гласови, односно 55,27%. Од друга страна, кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски освои вкупно 398.050 гласови, или 41,14%.
Резултатите од предвремените парламентарни избори се следните: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 481.289 гласови (42,21%), а СДСМ и коалицијата 283.930 (24,90%). ДУИ освои 153.538 гласови (13,47%), а ДПА 66.392 гласови (5,82%).
Според овие податоци, како што соопшти Рилкоски, симулацијата на мандатите би изгледала вака:
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата- 61 пратеник,
СДСМ и коалицијата- 34 пратеници,
ДУИ- 19 пратеници,
ДПА- 7 пратеници,
ГРОМ- 1 пратеник,
НДП- 1 пратеник.
Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски се воздржа од коментар за вчерашното непризнавање на изборите од страна на опозициската СДСМ, и истакна дека досега, до ДИК нема пристигнато ниту еден приговор од страна на политичките партии.
Рокот за поднесување на приговори истекува утре во 19 часот.
