Имунизација

Прекршочни постапки против 20 родители

10.12.2022 11:38

Против дваесет родители се поведени прекршочни постапки во последниве три месеци. Причина – не ги имунизирале своите деца, па затоа треба да платат казна од 650 евра. Надлежните уверуваат дека вакцините се безбедни и треба редовно да се примаат според пропишаниот календар...

Против дваесет родители во последните три месеци се поведени прекршочни постапки, бидејќи не ги вакцинирале своите деца. Треба да платат казна од 650 евра. Истражување на УНИЦЕФ покажа дека кај 4 од 10 родители, поради недостиг на информации за вакцините, постои дилема дали да го имунизираат своето дете.

30% рекле дека добиваат нецелосни и збунувачки информации, на пример, зошто кај нас се дава одредена вакцина, која во западните земји одамна не се во вакциналниот календар. Надлежните објаснуваат – тоа е така, бидејќи кај нас постои ризик за ширење на тие инфекции. Колку е важен процесот на имунизација покажува фактот дека за подолг престој во САД или во западноевропските земји меѓу првите документи коишто се бараат е картичка за имунизација.

Надлежните уверуваат дека вакцините се безбедни. Како пример ја посочуваат 2019 година – за 6 месеци со МРП вакцината се имунизирани 46 илјади деца, а не се пријавени несакани реакции.

Преку „Мој термин“, матичните во секое време можат да пријават несаканите реакции од вакцините кај пациенти.

Националниот координатор повика децата редовно да ги примаат вакцините според пропишаниот календар.

Наташа Ј. Менковски