Корупциски скандал во ЕП
Грчка европратеничка е уапсена поради корупциска афера. Белгиското обвинителство се сомнева дека соработува со заливска држава која се обидува да влијае врз одлуките на официјален Брисел. Според некои медиуми, Катар е меѓу вмешаните во аферата...

Корупциски скандал во Европскиот парламент. Поради сомнеж за мито е уапсена Ева Каили, една од потпретседателките на ова тело. Белгиското обвинителство наведува дека заливска земја со месеци се обидува да влијае врз политичките и економските одлуки на официјален Брисел. Грчката политичарка од социјалдемократските редови е исклучена од партијата ПАСОК и од Пратеничкиот клуб на овој блок во Европарламентот. Во Брисел се извршени шеснаесет претреси, уапсени сè уште четири лица: поранешниот европратеник, социјалдемократот Пјер-Антонио Панцери, новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати Лука Висентини, како и директор на невладина организација и асистент во Европскиот парламент.
„Претресите, пред сè, беа насочени кон наоѓање на компјутерска опрема и мобилни телефони, опрема која веќе се користела и која ќе ни овозможи да го докажеме или да го разрешиме сомнежот на правниот систем. Уште понеочекувано е што на една од адресите беа откриени 600 илјади евра. Сопственичката сега ќе мора да објасни зошто овие пари биле во нејзиниот дом“, изјави Ерик ван Дајс, портпарол на белгиското федерално обвинителство.
Според тамошните медиуми, станува збор за Катар и за лобирање за светското првенство во фудбал. Социјалдемократите во Европарламентот со недели се мета на критики поради мекиот став кон земјата која меѓународната заедница ја обвини за лоши политики кон мигрантите и маргинализираните групи. Каили неодамна ја нарече оваа земја „пионер“ во однос на работничките права по средбата со нивниот министер за труд, иако повеќето западни земји изразија загриженост за услови за работниците на стадионите за Светското првенство.
Маја С. Филдишев
