Формирано претпријатие „Ски центар Попова Шапка“
АД ЕСМ формира ново претпријатие „Ски центар Попова Шапка“, кое досега функционираше како дел од Јавното претпријатие „ЕЛЕМ Турс“. Одвојувањето кое беше барано и од невладините организации, а за таа цел имаше формирано и работна група е во пресрет на најавената странска инвестиција на центарот, за која Владата даде зелено светло...

Формирањето на новото претпријатие „Ски центар Попова Шапка“ е еден од клучните процеси за склучување на договор со странскиот инвеститор од Италија, вели директорот на друштвото Адем Авзиу.
Проекциите се инвеститорот да вложи 186 милиони евра. Реализацијата ќе се одвива во неколку фази, а се планира да започне напролет. Ќе се градат нови хотели, жичници, инсталација на вештачки снег, како и нови паркинг места.
Авзиу се надева на соработка со локалната власт, кои имаат ингеренции во урбанизмот и комуналиите, а кои не се на завидно ниво.
Од Општина Тетово велат дека во рамки на надлежностите, веќе работаат на воспоставување ред.
„Веќе започнавме со рушење на некои дивоградби, во план е да се донесе урбанистички план за да воспоставиме ред како што доликува на еден зимски центар и во иднина да се гради плански. Имаме и други проекти кои се надеваме кога ќе имаме можност дека ќе ги реализираме“, соопштија од Општина Тетово.
На Попова Шапка ќе инвестира италијанската компанија Техно Алпин, позната во производство и инсталирање на системи за вештачки снег со 30 годишно искуство.
Зоран Димовски
