Собрание

Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски се добитници на државната награда за човекови права „Мето Јовановски“

10.12.2022 13:51

Во Собранието беше доделена државната награда „Мето Јовановски“, за промоција, заштита и унапредување на човековите права. Годинава, признанието заврши во рацете на Денис Јанкуловски и Ленче Здравкин...

Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски го добија највисокото признание за долгогодишно остварување во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Државната награда „Мето Јовановски“ се доделува по втор пат, со надеж дека ќе стане традиционална, и ќе ги охрабри луѓето да ги штитат своите и туѓите права, како највисока цивилизациска придобивка. Не само денеска и утре, туку и во иднина.

Заедничко на овие хуманитарци и активисти е високата свест да се помогне на луѓето во неволја и да се биде солидарен.

Лицата со нетипичен развој и мигрантите беа мотив за Ленче и Денис да помогнат онаму каде што е најпотребно.

Да ја подигнеме свеста за човековите права, и големината на нивната вредност за целокупното општество, бидејќи човечкиот живот е навистина вреден.

 

Анита Никушева-Јованчев