Американскиот тим и домашните очекувања
Не запираат реакциите по најавата од Вашингтон дека американски тим за санкции ќе проверува поранешни и актуелни корумпирани функционери. Откако власта најави закон за ветинг и порача дека со Американците ја дели истата визија за владеењето на правото, се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Според него, Владата е причина, а на решение за корупцијата се потребни избори. Мицкоски е уверен дека во неговата партија во моментов нема корумпирани...

Најавата на Вашингтон дека американски тим за санкции ќе чешла корумпирани функционери од земјава ја размрда политичката сцена. Откако владата соопшти дека ја дели визијата на Американците за владеењето на правото, првиот опозиционер Мицкоски со коментар – со овие луѓе во институциите, корупцијата и криминалот може само да се продлабочуваат. Тој е уверен дека во нивните редови нема такви и вели оти истражителите треба да почнат со работа од Владата. Предлага да се испита потеклото на имот на оние кои имаат возила од над 50.000 евра и да се провери колкав данок пријавиле. Истото да важи и за оние со станови вредни над 100.000 евра.
И додека Мицкоски не очекува овој тим да врши притисоци врз нив за уставните измени, Владата и министрите го поздравија доаѓањето на американските истражители со став дека секоја помош е добредојдена, иако уверуваат дека и македонските институции си ја вршат својата работа. Премиерот Ковачевски неделава рече дека веќе се разговара за првиот Закон за ветинг во државата, решение коешто наскоро ќе се најде пред пратениците. Американската амбасадорка Агелер предупреди дека на правосудниот систем во земјава му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, а и повеќе европски амбасадори порачаа дека се потребни повеќе напори и резултати во борбата со криминалот и корупцијата.
Миле Ристески
