Куманово

Доцнат решенијата за данок на имот

11.12.2022 09:30

Во Куманово започна дистрибуцијата на решенијата за данок на имот за физичките лица. Дистрибуцијата годинава доцни поради тендерска постапка. Надлежните сепак се оптимисти дека граѓаните, како и претходните години, навреме ќе ја надмират законската обврска...

Поради тендерска, па жалбена постапка, доцни дистрибуцијата на решенијата за данок на имот во Куманово. Но од Секторот за даноци и такси се оптимисти дека и овој пат кумановци навреме ќе ги подмират обврските. Укажуваат дека последниве години општината регистрира висока наплата на даноци и такси. Над 85 проценти од граѓаните совесно ја извршуваат законската обврска. Годишно во просек во буџетот се слеваат околу 200 милиони денари.

„Македонска пошта поднесе жалба по таа постапка до Државна комисија за жалби по јавни набавки, која има свој рок и истиот не го испочитува за жал. Таа не одговори во рок од 15 дена, поминаа 30 дена и донесе извесна катастрофална одлука со која ја поништи постапката, ја врати во фаза на евалуација и ѝ наложи на општината да ја прифатиме Македонска пошта како единствен понудувач по првични цени“, нагласи Ненад Стојановски, раководител на Сектор за даноци и такси при Општина Куманово.

Поради ненавременото доставување на решенијата, општината ќе го пролонгира рокот за плаќање до 15-ти февруари идната година.

„Нема разлика во цени, ние се водиме според одлуката, односно методологија уште од 2014 година, кога е направена таа одлука и зонирање на градот. И што се однесува до зоните, и до местата. Таа одлука не е менувана меѓутоа според препораките на ревизија ние сме обврзани оваа година и во почеток на наредната да направиме ново зонирање на градот“, нагласи Стојановски.

Од Секторот посочуваат дека над 30 проценти од оперативниот буџет на општината е од даночните приходи.

Елена Георгиевска