Северот на Косово сè уште блокиран, Србите и натаму на барикадите
Северно Косово и натаму блокирано. Во делови се регистрирани пукотници и детонации, но нема информации за повредени...

Северно Косово и натаму блокирано. Во делови се регистрирани пукотници и детонации, но нема информации за повредени. Причина за барикадите поставени од српското население е апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, кој според косовското МВР, извршил напад врз изборни центри и претставници. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово. Приштина ги одложи општински избори.
„Предложив да се одложат изборите за градоначалници во четирите општини и општинските собранија. Дискутиравме за најсоодветниот датум, на крајот, со целосен консензус заклучивме да ги одложиме до април идната година“, изјави Вјоса Османи, претседател на Косово.
Претседателот Александар Вучиќ веќе најави дека ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Косовскиот премиер Курти побара итно отстранување на барикадите.
„Допрва ни претстои борба, покажавме волја за компромис, а тие направија се за да им оневозможат нормален живот на Србите на Косово и Метохија. Жестоки надворешни притисоци врз Србија се очекуваат од 17-ти декември. Тогаш претставници од Германија, Франција и САД и ЕУ заедно ќе бидат во Белград да објаснат како мора да се однесуваме и какви ќе бидат последиците ако не се однесуваме така“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Белград, со поддршка од Русија и Кина одбиваат да ја признаат самостојноста.
