Железнички сообраќај

Од денес стапи на сила новиот железнички возен ред, меѓународни возови нема

11.12.2022 09:57

Стапи на сила новиот железнички возен ред со кој нема поголеми промени од постојниот. И натаму Македонија железнички е изолирана од светот, нема ниту еден меѓународен патнички воз кој сообраќа. Ги нема ниту патничките возовите кон Кичево и Кочани...

На сила е новиот железнички возен ред во земјава. Тој ќе важи следните 12 месеци, нема големи промени во времето на поаѓање во однос на претходниот. Останува да сообраќаат истиот број на патнички возови. Најмногу ги има на релацијата Скопје-Велес и обратно по девет, до Табановце четири, до Битола три, до Гевгелија два. За Кочани и Кичево и натаму нема патнички возови.

„При креирање на новиот Возен ред 2022/23 година, се водевме по следните приоритети: безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, најкратко патување на патниците, рационално користење на средствата и персоналот и најмали трошоци во работењето земајќи ги предвид обемот, потребите и интересот на патниците“, соопштија од МЖ Транспорт.

Патниците од најпрометната железничка станица во земјава, велешката, незадоволни од распоредот на патничките возови. Во ударниот термин, кога велешани имаат најмногу потреба да патуваат за главниот град, претпладне од 6,30 до 12 нема ниту еден воз за Скопје.

И годинава нема да има меѓународни возови, ниту кон Србија, ниту кон Грција, ни кон Косово. Железницата на Србија сè уште работи на реконструкција на пругата на југот од земјата, Грчката железница неофицијално најавила дека следните две години не планирала да реализира патнички сообраќај со Македонија, иако пругата Битола – Лерин од македонска страна е готова.

Петар Печков