Регион

Тензично на северот на Косово

11.12.2022 11:53

Северниот дел на Косово и натаму блокиран. Премиерот Курти побара итно отстранување на барикадите. Приштина се закани дека ќе одговорат на секоја агресија. Србија ќе бара дозвола од КФОР за распоредување на српската војска и полиција...

Тензично на северот на Косово. Во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток останаа поставените блокади од Србите. Затворени се граничните премини преку Јариње и Брњак. Пријавени се и инциденти, откако косовската полиција соопшти дека лица кои блокирале патишта неколкупати пукале кон единиците кај Газивода, по што и тие отвориле оган. Најновата ескалација на ситуацијата настана по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Белград обвини за непромислена акција којашто го загрозила мирот, Приштина наведе дека Пантиќ е уапсен под сомнение дека организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на Косово, што Србија го негира. Претседателот Вучиќ најави дека ќе бара од КФОР враќање на одреден број припадници на нивната војска и полиција на Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на СБ на ООН. Шефот на дипломатијата Дачиќ го образложи потегот, велејќи дека сакаат работите пред меѓународната заедница да ги извадат на виделина.

„Знаеме дека тоа се реторички прашања, однапред го знаеме нивниот одговор, како што сега се обидуваат да претстават дека бриселскиот договор како да не постои, така се однесуваат и кон Резулцијата 1244. Они не можат да укинат резолуцијата, но не сакаат во целост да ја почитуваат и применуваат“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти порача дека на агресијата ќе одговорат со сите сили.

„Србија веќе неколку дена му се заканува на Косово со агресија. Претседателот и премиерот на Србија повикуваат на враќање на илјада војници, повикувајќи се на резолуцијата 1244 на ОН. Тие сакаат двојно повеќе чекори назад. Секој неуспех да се осуди ова оркестрирано насилство од страна на ЕУ и САД ќе го охрабри Белград дополнително да поттикне дестабилизација“, наведе Курти.

Во меѓувреме, откако Србите ги напуштија институциите, Приштина соопшти дека вонредните локални избори во четирите општини на северот – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се презакажани за идната година.

„Предложив да се одложат изборите за градоначалници во четирите општини и општинските собранија во две општини. Дискутиравме за најсоодветниот датум, на крајот, со целосен консензус заклучивме да ги одложиме до април идната година“, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.

Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите.

 

Мартин Пушевски