Ковачевски: Одлуката за уставните измени не е лесна
„Нема да биде лесна одлуката за уставните измени, но, очекувам пратениците да покажат државничко однесување“, вели премиерот Ковачевски во интервју за МИА. Дециден е – не живееме во благосостојба, туку во глобална криза и ни претстои уште една тешка години, но сепак очекува резултати од буџетот како основа за забрзан раст и развој...

Скринингот со Европската Унија тече како што беше планирано, пред нас сега се уставните измени коишто ќе се најдат пред македонското Собрание и пред нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување, порачува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА. За себе вели дека е рационален оптимист, па затоа смета дека членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел.
„Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде сè така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца. Пратениците се сепак и пред сè претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја-членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија“, оценува тој.
Во интервјуто Ковачевски зборува и за криминалот и корупцијата. Најавува дека проблемите со корупцијата, судството и обвинителството ќе бидат предмет на разгледување и анализа од страна на ЕУ.
„Судската власт е независна власт, јас ниту сакам ниту дозволувам мешање во нивната работа. Владата во рамки на своите ингеренции, обезбедува и понатаму ќе обезбедува услови за непречено и независно функционирање на судството, но ние сите заедно како општество мора да дадеме свој придонес во решавањето на корупцијата и секако да се осигураме дека судството како фела ќе изнајде решение кое ќе е по највисоки демократски стандарди и принципи и кое ќе обезбеди и денес и во иднина неприкосновена независност и интегритет во работењето“, вели Ковачевски.
Премиерот вели дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата. Не чека уште една тешка година, во којашто е потребна солидарност, а не изобилство. Сепак, смета дека буџетот за в година, којшто му е прв како премиер, ќе даде резултати и ќе овозможи забрзан економски раст и развој. Ковачевски очекува со новите мерки, цените на основните прехранбени производи да се намалат до 10 проценти.
Катерина Топалова
