Политика

Мицкоски: Власта не може да се бори против криминалот и корупцијата, бидејќи самата ги продуцира

11.12.2022 13:43

Има огромно присуство на криминал и корупција во сите сфери, а власта ниту има намера, ниту ќе се бори, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. За да се стави крај, вели неопходни се предвремени парламентарни избори. Според него, буџетот не е развоен, туку инфлаторен, граѓаните дополнително ќе се осиромашуваат преку повисоки даноци...

Откако вицепремиерката Грковска и јавниот обвинител Јовески влегоа во вербален дуел за тоа дека едниот не треба да е уставен судија, а другиот дека не треба да ја има министерската функција, се огласи лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој смета дека власта не може да се бори против криминалот и корупцијата, бидејќи самата ги продуцира.

Мицкоски контра ставовите на премиерот Ковачевски. Наспроти шефот на владата кој смета дека новиот буџет е развоен, Мицковски го тврди спротивното. Вели, буџетот е инфлаторен.

Опозицискиот лидер укажува и на податокот што премиерот Ковачевски потенцира раст на бруто домашниот производ од 5 проценти, наспроти пресметките на министерството кои го проектирале растот на 2,9. Оваа разлика вели Мицкоски е огромна и се мери во неколку стотици милиони евра.

Миле Ристески