ОБСЕ/ОДИХР: Изборите мирни и во демократска атмосфера
28.04.2014 17:13
Кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување беа почитувани, е главната оценка на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР за вчерашниот изборен ден во Македонија...

Гласањето за претседателските и предвремените парламентарни избори беа ефикасно спроведени вклучувајќи го и денот на изборите. Кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување беа почитувани, е главната оценка на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР за вчерашниот изборен ден во Македонија.
Сепак, кампањата на владејачката партија несоодветно ги разграничуваше партиските од државните активности, а наводите на заплашување на гласачите продолжија и во текот на кампањата. Албанската партија во Владата продолжи да ги бојкотира претседателските избори и изврши прекумерен притисок врз етничките албански гласачи да не го земаат гласачкото ливче за претседател додека главната опозициска коалиција пред да започне броењето на гласовите најави дека нема да го признае резултатот од изборите, рече специјалниот координатор на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ Кристине Мутонен на денешната прес-конференција. ОБСЕ/ОДИХР забележува на неизбалансирано медиумско поктивање на изборната кампања.
Таа посочи дека ОБСЕ не го препорачува бојкотот како демократско средство и додаде дека нема демократија без опозиција, а особено без опозиција во Парламентот. Затоа, како што нагласи, многу е битно што ќе се случува по изборите и им препорача на партиите интересот на македонскиот народ и стабилноста на земјата да им биде пред се и да направат се за да се реализираат стратешките цели на Македонија, а тоа е полноправно членство во ЕУ и НАТО.
