Тензии на Косово

Белград и Приштина свикаа Совети за безбедност, Борел повикува на смиреност

11.12.2022 18:30

Растат тензиите на северот на Косово. Србите на барикади, Белград ќе бара од КФОР распоредување на нивни сили. Приштина одговори дека не сака конфликт, туку дијалог, но порача оти Косово ќе се брани со сила и одлучност. Премиерот Курти ја обвини Србија дека се заканува со војна. И во двете земји свикани Совети за безбедност. Врз патрола на ЕУЛЕКС е фрлена шок бомба. ЕУ, САД и НАТО го осудија нападот. Шефот на европската дипломатија Борел побара отстранување на барикадите...

Тензично на северот на Косово. Во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток останаа поставените блокади од Србите. Затворени се граничните премини преку Јариње и Брњак. Пријавени се и инциденти, откако косовската полиција соопшти дека лица кои блокирале патишта неколкупати пукале кон единиците кај Газивода, по што и тие отвориле оган. ЕУЛЕКС информира дека врз нивна патрола е фрлена шок бомба, но нема повредени. САД и ЕУ го осудија нападот. Се огласи и европскиот шеф на дипломатијата Борел.

Најновата ескалација на ситуацијата настана по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Белград обвини за непромислена акција којашто го загрозила мирот, Приштина наведе дека Пантиќ е уапсен под сомнение дека организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на Косово, што Србија го негира. Претседателот Вучиќ го свика советот за безбедност и најави дека ќе бара од КФОР враќање на одреден број припадници на нивната војска и полиција на Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на СБ на ООН. Шефот на дипломатијата Дачиќ рече дека сакаат работите пред меѓународната заедница да ги извадат на виделина.

„Знаеме дека тоа се реторички прашања, однапред го знаеме нивниот одговор, како што сега се обидуваат да претстават дека бриселскиот договор како да не постои, така се однесуваат и кон Резулцијата 1244. Они не можат да укинат резолуцијата, но не сакаат во целост да ја почитуваат и применуваат“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти порача дека на агресијата ќе одговорат со сите сили. И во Приштина свикан Советот за безбедност.

Во меѓувреме, откако Србите ги напуштија институциите, Приштина соопшти дека вонредните локални избори во четирите општини на северот – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се презакажани за април, идната година. Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите.

Мартин Пушевски