Регион

Продолжуваат тензиите на Косово

12.12.2022 09:30

Северно Косово и натаму под блокади. Вучиќ ги повика Србите да не подлегнуваат на провокации. Заменикот-помошник државен секретар на САД и специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар во Приштина на разговори со косовските власти…

Продолжуваат тензиите на Косово. Премините Јариње и Брњак се затворени. Училиштата и натаму под клуч. Србите кои живеат во овој дел од земјата во текот на вчерашниот ден ги блокираа пристапите кон преминот Јариње откако беше уапсен поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Косовската полиција не дозволуваше никаков сообраќај, објаснувајќи дека мерките се во насока на одржување на редот и мирот. Српскиот претседател по седницата на Советот за национална безбедност ги повика Србите на северот на Косово да останат воздржани и да не наседнуваат на провокации. Побара почитување на Договорот од Брисел и формирање на Заедница на српските општини.

„Според одлуката на ОН, КФОР е безбедносната сила која мора да ја гарантира безбедноста на Србите. Се надеваме дека тоа ќе го направи. Ако не го стори тоа, сè ќе ни биде веднаш јасно. Нашата работа е да се обидеме да го зачуваме мирот и ќе направиме се за да го зачуваме мирот. За нас ова се драматични денови во кои немаме никаква вина“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Косовската полиција пак, соопшти дека постои сомневање дека Пантиќ учествувал во инцидентот од шести декември кога беа демолирани просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица и Зубин Поток. Косовскиот премиер Курти вели дека барикадите на северот од Косово треба веднаш да се отстранат и дека косовските власти се во постојан контакт со мисијата на НАТО, КФОР.

„Ова насилство мора веднаш да престане. Ги повикуваме сите да избегнуваат какви било провокации. Ситуацијата сега никому не му користи. Имаме потреба од дијалог“, изјави косовскиот премиер Албин Курти.

Претставниците на српската заедница на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции на северот и оттогаш има зголемени тензии во земјата. Меѓународната заедница внимателно ги следи случувањата. Најавени се неколку посети од страна на високи претставници на САД и ЕУ. Плетнер Бон, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар ќе се обидат да ги смират Белград и Приштина и да воспостават дијалог.

Маријана Димовска