Напуштените приватни ниви одат под закуп
Се подготвуваат измени во законот за користење на земјоделското земјиште. Земјоделците кои нема да ги насадат или посеат нивите подолго време, државата ќе ги дава под закуп. Поголем дел од парите од закупнината ќе се поделат на сопствениците...

Напуштеното приватното земјоделското земјиште ќе се евидентира по службена должност, се предвидува во измените на законот за земјоделско земјиште. Сегашното решение е тоа да биде доброволно, но досега нема ниту едно барање од сопствениците нивното земјиште да биде запишано како напуштено и за кое треба да платат и поголем данок.
За поголемо искористување на напуштените ниви, министерството планира да ги издава под закуп по пат на Јавен оглас.
Од вкупните приходите од закупнината за издадено земјоделско земјиште, 80 проценти ќе бидат на сопствениците и ќе се уплаќаат на посебна буџетска потсметка, а 20 проценти ќе бидат приход на државниот буџетот.
Парите наменети за сопствениците можат да се подигнат најдоцна 10 години од денот на уплатата на закупнината, а доколку нема да бидат подигнати од сопствениците или нивните наследници, остануваат во буџетот.
Македонија располага со 590.000 хектари земјоделско земјиште. Поголемиот дел или скоро 350.000 е приватно од кое според проценките скоро 90.000 хектари не се обработуваат и стојат напуштени со години.
За споредба тоа е површина на којашто годишно во Македонија се сеат житни култури.
Методија Трајков
