Македонија

„Панта реи“ од Бојан Ковски во Археолошкиот музеј

12.12.2022 09:56

Животот на Ковски поврзан со водата, како главен извор на животот за целиот жив свет, е инспирација за создавање на овие 12 дела масло на платно. Во делата Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата коишто претставуваат константен тек и перцепција на човековата визуелизација...

Академскиот сликар Бојан Ковски утревечер (13. декември) ја отвора својата најнова изложба со наслов „Панта реи“. Изложбата ќе биде поставена во Археолошкиот музеј и ќе биде достапна за посетителите до 21 декември.

Животот на Ковски поврзан со водата, како главен извор на животот за целиот жив свет, е инспирација за создавање на овие 12 дела масло на платно. Во делата Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата коишто претставуваат константен тек и перцепција на човековата визуелизација.

„Бојан Ковски е уметник чие творештво се стреми во нагорна линија. Неговиот опус е во процес. Едно дело се надоврзува на друго. Сложена е и специфична структурата на овие уметнички дела во нивниот целосен изглед. Тој ја избира водата како еден од четирите основни елементи на планетата Земја. Водата, иако е една од најпроучуваните супстанции, сепак, е најмалку разбрана. Во неа телата ги истегнува до крајни граници. До неспоивото! Божествена елеганција и крајна експресивност“, нагласува кураторот Анжелика Апсис кон изложбата.

Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности под менторство на Антони Мазневски. Во своето портфолио има неколку самостојни и групни изложби и перформанс.