Култура

Нацоски и Чамаруги солисти на концертот на Филхармонија

12.12.2022 12:11

На програмата се увертирата од операта „Така прават сите“ и Концертот за пијано и оркестар бр. 18 од Волфганг Амадеус Моцарт, Соло песни за тенор и оркестар од Франц Шуберт и и песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“ од Густав Малер...

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе одржи концерт насловен „Сафи“ на кој како солисти ќе настапат нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски и пијанистот Лука Чамаруги од Италија.

Диригент е Виктор Митревски, а на програмата се увертирата од операта „Така прават сите“ и Концертот за пијано и оркестар  бр. 18 од Волфганг Амадеус Моцарт, Соло песни за тенор и оркестар од Франц Шуберт и и песни од циклусот „Волшебната хорна на момчето“ од Густав Малер.

Комичната опера „Така прават сите“ од Вофганг Амадеус Моцарт првпат била изведена  на 26 февруари 1790 година во „Бургтеатар“ во Виена. Либретото е на Лоренцо да Понте кој ја напишал приказната и за оперите „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“. Делот во насловот „Сите“ се однесува на жените и најчесто во англискиот превод на оваа опера е „Жените се такви“.

„Волшебната хорна на момчето“ е вокален циклус на Густав Малер инспиприран од фоклорни песни од истоимената збира на Аким вон Арним и Клеменс Бретано објавена во периодот меѓу 1805 и 1808 година.

Виктор Митревски роден во Скопје 1987 година потекнува од музичка фамилија. Во 2019 дебитира со Македонската Филхармонија, една година подоцна диригира и со Скопски Солисти. Во 2020 е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера Хамлет на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес, Виктор Митревски работи во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот Арнолд Шенберг.

Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особен ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и на светските премиери на оперите „Страв“ каде ја толкува главната улога во Новара и Данте во операта за Данте Алигиери во Пјаченца и Скопје.

Лука Чамаруги е концертен пијанист, радио презентер и музиколог. Од 2007 година секој ден е на италијанското „Радио класика“: а неговата програмата насловена „Il pianista“ е референтна точка во италијанската класична музичка сцена. Пишува и за магазините „Музика“, „Класик војс“, „Суонаре њуз“ и „Кориере дел Тичино“. Соработувал како пијанист и музички консултант во реализацијата на анимираниот филм „Макс и маестрото“ во кој меѓу останатите протагонисти се појавува и Даниел Баренбојм.