Македонија

Повторно анонимни дојави за бомби

12.12.2022 12:33

Нови анонимни дојави за поставени бомби во девет скопски училишта, во едно во Кавадарци, ГТЦ, „Ист Гејт“ и „Џевахир Сити“. На електронска пошта првпат дојава и во Министерството за надворешни работи. Полицијата презема мерки за расчистување на случаите …

За првпат дојава поставена бомба во МНР, комплекс зградите „Џевахир“ и ГТЦ. Веднаш по откриените мејлови за поставена бомба, дипломатите од зградата на МНР се евакуирани. Испратени беа екипи на МВР за проверка на дојавата за поставена бомба. Од МНР писмено соопштија дека има дојава за поставена бомба.

„Информираме дека до Министерството за надворешни работи преку електронска пошта пристигна информација дека во зградата се поставени експлозивни направи. Министерството веднаш ги извести соодветните служби во МВР, по чии насоки заградата е веднаш евакуирана. Соодветно на безбедносните протоколи, штом се создадат соодветни услови, вработените ќе се вратат на работа“, соопштија од МНР.

Повторно дојави за поставени бомби и за трговскиот центар „Ист Гејт“, и девет училишта во Скопје и едно основно училиште во Кавадарци. Меѓу скопските училишта кои добиле дојави за поставени бомби се „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и средното техничко училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, во 8:20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од МВР.

По проверката во Министерството за надворешни се покажало дека се работи за лажна закана и вработените се вратија на работните места.

Ирина Гелевска