Борел: Белград и Приштина да се вратат на дијалогот
Северно Косово и натаму под блокади. Училиштата не работат. Вучиќ ги повика Србите да останат мирни и да не подлегнуваат на провокации. Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар во Приштина на разговори со косовските власти. Утре во Белград на средби со српскиот државен врв…

Тенденцијата за судири на улица и блокади не е начин да се бара договор. Белград и Приштина да се вратат на дијалогот, порача специјалниот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел.
„Ова нарушување на јавниот ред и мир и насилството мора да престане и мора да се вратиме на дијалог. Ова не е начин да се постигне договор, да се продолжат разговорите, ниту да се постигне договорот за нормализација“, изјави Жозеп Борел, еврокомесар за надворешна политика и безбедност.
Во услови на зголемени тензии меѓу Србија и Косово, меѓународната заедница внимателно ги следи случувањата. Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник на претседателот Бајден за Балканот, Габриел Ескобар на средби со државниот врв во Приштина во услови кога блокадите на северот продолжуваат. Премините Јариње и Брњак се затворени. Училиштата и натаму се под клуч. Српскиот претседател синоќа повика на воздржаност, почитување на Договорот од Брисел и формирање на Заедница на српските општини.
„Нашата работа е да се обидеме да го зачуваме мирот и ќе направиме се за да го зачуваме мирот. За нас ова се драматични денови во кои немаме никаква вина“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Претходно, косовскиот премиер Курти изјави дека барикадите треба веднаш да се отстранат и дека косовските власти се во постојан контакт со мисијата на НАТО, КФОР.
„Ова насилство мора веднаш да престане. Ги повикуваме сите да избегнуваат какви било провокации. Ситуацијата сега никому не му користи. Имаме потреба од дијалог“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Србите во северниот дел на Косово ги блокираа патиштата откако косовските власти уапсија поранешен српски полицаец, под сомнение дека организирал напади врз канцелариите на Централната изборна комисија во Митровица и Зубин Поток.
Маријана Димовска
