Џафери- Коњуфца: Косово и Србија да постигнат договор со дијалог
Косово и Србија да постигнат договор со дијалог, кој ќе биде прифатлив за двете страни, заеднички став на Џафери и Коњуфца. Спикерите на парламентите на Македонија и Косово сметаат дека само таков договор ќе гарантира стабилност и безбедност на двете земји и регионот во целина…

Имаме конструктивни и интензивни билатерални односи без отворени прашања со Косово – истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери по средбата со неговиот хомолог Коњуфца. На состанокот Џафери понудил поддршка и споделување на искуства за евроинтегративниот процес на Косово. На средбата се дискутирало и за односите меѓу Белград-Приштина. Двајцата спикери со целосна поддршка за постигнување конечен договор, во интерес на двете страни.
Односите на Косово со Северна Македонија се пример за добрососедство-изјави претседателот на косовскиот парламент, Глаук Коњуфца. Тој истакна дека двете земји имаат заеднички стратешки и геополитички цели. Во однос на состојбите во регионов, Коњуфца истакна дека до нормализирање на односите ќе дојде кога Србија ќе ја признае независноста на Косово.
Џафери и Коњуфца изразија поддршка и заложба за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу двете држави.
Марина Стојанова Тонева
